Санкции кон Русија ако изборите пропаднат

Германската  канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд ја предупредија Русија дека ќе сноси последици доколку украинските претседателски избори не се одржат.

Ако претседателските  избори не бидат меѓународно признати, Франција и Германија се сложуваат дека ќе следуваат последици во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 6 март, се вели во заедничкото соопштение на двајцата лидери.

Украинските избори се закажани за 25 мај, а Европскиот совет во март ја предупреди Русија дека и се закануваат санкции доколку продолжи со акциите кои водат кон дестабилизација на Украина.

„Подготвени сме на нови санкции доколку изборите пропаднат,“ изјави Меркел.

Досегашните европски санкции кон Русија опфаќаат листа на 48 функционери на кои им е забрането да патуваат во ЕУ и да располагаат со пари на сметки во европските банки.

Т.н трет круг на санкции кои Меркел и Оланд ги најавуваат би можеле да ги вклучат руските претпријатија, што би имало сериозни економски и политички последици за Русија и за ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.