Санкциите кон Русија се спротивни на меѓународното право

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази надеж дека земјите што имаат воведено санкции против Москва ќе сфатат дека тие предизвикуваат штета на меѓународните економски односи, објави МИА.

– Ова е штетно и секако дека предизвикува штета не само на нас, туку и на САД, бидејќи со тоа се поткопува целокупниот систем на меѓународни економски односи, изјави Путин во интервју за агенцијата ТАСС пред заминувањето на Самитот на Г-20 во Бризбејн, во Австралија.

Путин, исто така, изрази надеж дека санкциите ќе останат минато. – Се надевам дека конечно во ова ќе надвладее разумот, а минатото ќе биде минато, изјави Путин.

Според него, санкциите воведени кон Русија се во спротивност со принципите на Г-20 и не само на нејзините принципи, туку се спротивни и на меѓународното право, бидејќи може да бидат воведени само преку Советот за безбедност на ОН.

Путин нагласи дека санкциите на Западот се во спротивност со принципите на Светската трговска организација (СТО) и Договорот за царини и трговија (ГАТТ).

– САД ја создадоа организацијата СТО, а сега сурово ги кршат нејзините принципи, тврди рускиот претседател.

Рускиот претседател Владимир Путин, меѓу другото, истакна дека прашањето за санкциите нема да го отвора на самитот на светските лидери во Бризбејн.

– Ако оваа тема се отвори, јас секако ќе одговорам, но нема сам тоа прашање да го предложам за дискусија. Како што гледам, тоа би било бескорисно, нагласи Путин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.