Санкциите против Русија „чекор кон војна“, предупредува Орбан

Санкциите на Европската унија без преседан воведени против Русија поради нејзината воена интервенција во соседна Украина претставуваат „чекор кон војна“, оцени во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан заострувајќи ја критиката на стратегиите на бирократијата во Брисел којашто ја смета за „опасна“.

„Кој и да интервенира економски во судир зазема позиција.. Малку по малку се лизгаме кон војна“, предупреди Орбан во редовното петочно радио-интервју.

Унгарскиот премиер и порано изразуваше загриженост поради трупањето мерки усвоени со цел да се економски да се притисне Русија, но кои имаат сѐ посилен контраефект врз земјите во Европа. Орбан, исто така, се противи и на предлогот на Европската унија на Украина да ѝ се додели помош од 18 милијарди евра во 2023 година преку заеми за кои каматите ќе ги плаќаат земјите членки на ЕУ чии економии се значително поткопани последователно од пандемијата на Covid-19 и украинската војна.

„Унгарија нема да прифати членките на Европската унија заедно да договараат заеми за помош на Украина“, порача Орбан на прес-конференција подоцна, пренесува службената новинска агенција MTI.

Орбан советува наместо тоа на Украина да ѝ биде исплатена една сума „праведно распределена“ меѓу 27-те земји членки. Будимпешта би можела да даде до 170 милиони евра во рамките на билатерален договор со Киев, додаде унгарскиот премиер.

Орбан порача дека е подготвен „да се бори“ против можниот нов пакет антируски санкции за Унгарија да биде изземена од тоа, како и во случај на нафтеното ембарго.

„Сега испраќаме разорни оружја, ги увежбуваме украинските војници на своите територии, наметнуваме санкции на енергијата… Станува интегрален дел од судирот. Сѐ уште не ни се пука над главите, но многу сме блиску да станеме завојувана страна. Европа игра многу опасна игра“, заклучи Орбан.