Сараево вчера најзагаден град во светот

Сараево вчера беше најазагаден град во светот со регистрирано рекордно загадување.

Индексот на мерење на квалитетот на воздухот достигна 268 единици, соопштија американските власти врз основа на податоците за загаденоста на градовите во кои се стационирани амбасадите на САД.

Според овие податоци, вчера во 14 часот, Сараево било позагадено и од Пекинг, каде што квалитетот на воздухот изнесувал 242 единици.

Вредноста на индексот на квалитетот на воздухот меѓу 201 и 300 единици може да предизвика сериозни здравствени проблеми, се наведува во предупредувањето на властите на САД.

Босанските медиуми наведуваат дека податоците за квалитетот на воздухот во Сараево кои се измерени во Амбасадата на САД, би можеле да се разликуваат од оние регистрирани на други локации во градот и дека податоците од една контролна станица не важат за целата градска територија.