Сараќини: Со примената на енергетската ефикасност ќе се подобри конкурентноста на компаниите

„Енергетска ефикасност и промена на енергетскиот пазарот“ е тема на тридневната работилница што од денеска се одржува во Маврово и е наменета за претставниците на медиумите. На работилницата свое обраќање имаа министерот за економија Ваљон Сараќини и Вернер Хенгст, Председател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, a eксперти од министерството за економија, ЕВН Македонија, ЕВН Груп и Регулаторната комисија за енергетика ги презентираа најновите трендови во енергетската ефикасност и регулативите од оваа област, со компаративни анализи во пресрет на промените на пазарот што ќе следат.

Целта на  работилницата е да се сублимираат досегашните ефекти од активностите кои се спроведоа, а се зацртани во Платформата за енергетска ефикасност „Размисли и заштеди” која министерството за економија и ЕВН Македонија заеднички започнаа да ја реализираат минатата година , како и идните активности и регулативата со чие носење ќе се стимулира и зголеми рационалното користење на електричната енергија. Во рамки на работилницата ќе бидат доделени признанија за најактивните новинари како и за медуимски објави на тема енергетска ефикасност.

Платформата за енергетската ефикасност  како позитивен пример беше посочена и во последниот извештај за Македонија на Европската Kомисија, а во поглед на примената за енергетската ефикасност Македонија доби висока позитивна оценка.

Министерот Сараќини во своето обраќање истакна дека со воведување на мерки за енергетска ефикасност може да се постигне заштеда од 40 до 50 отсто на годишно ниво и апелираше да се инвестира повеќе за таа намена.

„Освен нови инвестиции во производство неопходно е и поголема рационализација на потрошувачката. Токму затоа примената на енергетската ефикасност во домаќинствата и компаниите е клучна за обезбедување на енергетска стабилност на долг рок што би значело помалку трошоци, а за компаниите повеќе слободни средства кои ќе можат да се пренасочат во развојни цели”, потенцираше Сараќини додавајќи дека на тој начин компаниите ќе ја зголемат продуктивноста, ефикасноста и конкурентноста, што во услови на криза е од огромно значење, а ќе се создадат услови и за отворање на нови работни места.

Министерството за економија, додаде министерот, ги донесе двата многу значајни подзаконски акти, односно Правилникот за енергетски карактеристики на зградите и Правилникот за енергетска контрола, а Агенцијата за енергетика ги донесе Програмата за обука и полагање на испити за енергетски контролори и тарифниците со кои се одредуваат максималните висини на надоместоците што ќе се наплаќаат при спроведување на обуки и испити за енергетски контролори, како и максималната висина на надоместоците за спроведување на енергетски контроли.

„Побарувачката на енергија е во пораст, а енергетската ефикасност е важна, бидејќи е начин како да се минимизираат ефектите на овој глобален тренд, а исто така да се намали зависноста од увозот на енергија. Целта на нашата соработка со Министерството беше да се подигне свеста на нашите корисници, особено компаниите. Нашите искуства покажуваат дека со оптимизација на процесите и користење на новите технологии може да се има огромно влијание на потрошувачката и трошоците за енергија”, изјави Вернер Хенгст, Председател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Инаку, Платформата за енергетска ефикасност започна минатата година и главна цел беше промовирање на енергетската ефикасност и нејзина примена. Во рамките на оваа Платформа фокусот беше ставен на едукација на компаниите за примена на конкретни решенија во работењето, со што ќе се намалат трошоците и ќе се зголеми конкурентноста на компаниите. Преку 200 мали и средни компании беа опфатени со обуки за најновите трендови и технологии од оваа област. Во Платформата се вклучија и најголемите финансиски институции од земјава, кои ги претставија можностите за финансирање на вакви проекти. Во рамките на оваа платформа се одржаа едукативни работилници  за медиумите. Дел од оваа платформа е и едукативната емисија „Енергетска азбука“.