Сараќини: Министерството за економија во 2014 година во целост ќе ги покрива трошоците за воведување на ХАЛАЛ систем

Mинистерот за економија Ваљон Сараќини денеска одржа прес конференција на која информираше за мерката финансиска поддршка за воведување на ХАЛАЛ систем. На прес конференцијата присуствуваа и генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов и извршниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, кои што ги споделија придобивките и искуствата од воведување на ХАЛАЛ системот.

„Министерството за економија, препознавајќи ги можностите кои ги нуди воведувањето на ХАЛАЛ –
системот, посебно од аспект на подобрување на конкурентноста на компаниите и настап на нови пазари, почнувајќи од 2013 година започна со реализација на мерка – финансиска поддршка за воведување на ХАЛАЛ систем, во рамки на Програмата за конкурентност иновации и претприемништво за 2013 година, за што беа предвидени средства во вкупен износ од 500 илјади денари, додека за 2014 година планирани се средства во вкупен износ од 3.100.000 и тоа за финансирање на 60 отсто од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 300.000 денари поединечно за секој деловен субјект – барател на средствата“, информираше министерот Сараќини.

Што се однесува до придобивките од воведувањето на ХАЛАЛ стандардот, покрај тоа што се подобрува нивото на интеркултурни комуникации помеѓу земјите, расте нивото на свесност за прифаќањето на различностите во светот, се добива дополнителна вредност на производите и услугите, се подобрува конкурентноста на претпријатијата, а се олеснува и настапот на нови пазари.

„Што се однесува, пак, до економските параметри, би сакал да информирам дека вкупната вредност на меѓународната трговија со храна во светски рамки е проценета на 5.500 милијарди евра, при што светскиот ХАЛАЛ – пазар се проценува на 650 милијарди долари годишно, а европскиот ХАЛАЛ –пазар на околу 66 милијарди долари годишно“, истакна Сараќини, додавајќи дека земјите со мнозинство муслиманско население се примарни целни пазари за ХАЛАЛ производите, додека во земјите од западна Европа, две третини од конзументите на ХАЛАЛ производите не се муслимани, туку за нив ХАЛАЛ L станал синоним за ’здрава храна’.

Генералниот директор на „Алкалоид“ Мукаетов, истакна дека компанијата „Алкалодид“ има воведено ХАЛАЛ од 2012 година, преку кој успеале да станат присутни на пазари на кои претходно не биле, но воедно ја поздрави и иницијативата на Министерството за економија и финансиската поддршка која ја нуди на малите и средни компании, за воведување не само на овој сертификат, туку и на други сертификати.
Извршниот директор на Макпрогрес Цветанов истакна дека ХАЛАЛ стандардот го имаат воведено од 2010, а првпат го сертифицирале во 2011 година.

„Го направивме ова со цел да бидеме поконкурентни на пазарот, но и да стекнеме поголема доверба кај потрошувачите, а она што можам со сигурност да го кажам е дека извозот на Макпрогрес двојно се зголеми, а нашите производи ги пласираме во Алжир, Палестина, Либија, Израел и др.“, рече Цветанов.