Сараќини: Владините мерки резултираат со зголемен број туристи

Владините мерки за развој на туризмот во земјава резултираат со зголемен број на туристи, вели министерот за економија, Ваљон Сараќини кој денеска ја посети Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и се сретна со директорот, Кристијан Џамбазовски.

„За првите десет месеци од 2013 година, согласно податоците од Државниот завод за статистика, има значително подобрување на целокупната туристичка ситуација во Република Македонија, при што кај вкупниот број туристи бележиме зголемување од 6,11 отсто, а ако се погледне бројот на странски туристи тогаш можеме да констатираме дека имаме зголемување на 15 отсто во однос на истиот период за 2012 година“, изјави министерот Сараќини.

Според министерот Сараќини, уште позначајно е зголемувањето на бројот на нови вработувања во туристичкиот сектор, и тоа за 35,3% и константното зголемување на девизниот прилив во земјата, што укажува дека растот во овој сектор е 2 до 3 пати поголем од просечниот светски раст.

На средбата беше најавена и досега најамбициозната програма за туристичка промоција на државата во светот, со која Македонија во 2014 година ќе биде претставена на повеќе од 15 светски саеми. Ќе се организираат и т.н. роуд шоуа само во делот на туризмот каде ќе има средби со туроператори, туристички агенции и работници во областа на туризмот. На средбите ќе бидат претставени можностите за привлекување туристи и можностите за инвестирање во туристичките развојни зони во Република Македонија.

 

„Износот на субвенциите за 2014 година изнесува 155 милиони денари, што е речиси  двојно повеќе од 2013 година, кога беше 75 милиони денари, а од април 2014 година се воведуваат три нови авио линии на нискобуџетни компании за Париз, Брисел и Франкфурт, со што дополнително ќе се зоглеми бројот на туристи во Република Македонија Во истиот период Министерството за економија, со веќе обезбедените 220 илјади евра – грант средства преку УНИДО програмата, ќе се организираат обуки, едукации и доедукации на туристички работници во Македонија“, потенцираше Сараќини.

Според министерот за економија, ова ќе придонесе нашите туристички работници, кои ќе бидат обучени од светски експерти, да ги подобрат знаењата и вештините во комуникацијата со туристите и при креирањето на туристичката понуда.

Џамбазовски детално ги претстави активностите кои се реализираа во текот на изминатата година.

„Во 2013 година ја претставивме Република Македонија со медиумска капања првиот круг на земји, односно во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Косово, Албанија, а дел од средствата беа одвоени за Полска и Шведска. Беа изработени шест брошури за презентација и промоција во странство, и тоа: Историја, археологија  и култура; Настани и традиција; Храна и вино; Рурален и еко туризам; Лов и риболов; Природа и активности во природа“, истакна Џамбазовски.

За 2014 година предвидена и изработка на 4 подстратегии за развој на туризмот, при што акцентот ќе биде ставен на активностите во природа, традицијата и настаните, спортскиот и конгресниот туризам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.