Сарамандов: Кожув ќе биде атрактивна туристичка дестинација, во целост ќе ги искористиме и геотермалните води

Во денешното свое гостување во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ кандидатот за градоначалник на Гевгелија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Андон Сарамандов истакна дека во изминатите четири години додека локалната власт ја предводи СДСМ, Гевгелија стагнира во својот развој.

„Мојата програма се базира на четири столба, урбанизам ,стратегија за туризам и искористување на сите туристички потенцијали, екологија и зелените површини и младите и спортот. Акцентот ќе биде ставен на урбанизам и стратегија за туризмот и искористување на сите туристички потенцијали. Планината Кожув имаме план и визија најпрво со урбанизација на туристичкото место Коњско а потоа и со овозможување услови за развој на ловниот туризам на планинскиот туризам да стане атрактивна туристичка дестинација“, нагласи Сарамандов.

Сарамандов додаде и дека има план и визија за искористување на геотермалните води.

„Во делот на геотермалните води во 80-тите на местото викано Смоквица се вршени истражувања во периодот 81 -84 година се вршени истражувања и тие истражувања и параметри покажале голема веројатност на тоа место да имаме водена пареа од 130 степени со што ќе може да се затоплуваат не само Гевгелија туку и Богданци, Валандово и Дојран и целото стопанство. Во мојата програма имам дел каде што започнуваме со истражување и изготвување студија за геотермалните води во Смоквица“, нагласи Сарамандов.

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Гевгелија Андон Сарамандов истакна дека граѓаните на Гевгелија ќе ја препознаат квалитетната програма и ќе гласаат за промени и проекти.

„Нашата програма на овие локални избори нема мегаломански апстрактни проекти, имаме реални проекти во согласност со кондицијата на буџетот на општина Гевгелија, имам мотивиран тим заедно со мене и граѓаните на општина Гевгелија тоа ќе го препознаат и сигурен сум дека на 17 октомври ќе славиме голема победа“, истакна Сарамандов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.