Сарамандов: Ветувам дека со напорна работа заеднички ќе го вратиме приматот на Гевгелија на најперспективен град во Македонија

Ми претставува огромна чест и задоволство, но  истовремено и предизвик, да бидам кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за оваа престижна функција, преку која ќе обезбедам остварување на сите неопходни потреби на моите сограѓани, наведе во саботата Андон Сарамандов, кандидат на опозициската партија за градоначалник на Гевгелија

Сарамандов посочи дека Гевгелија „има посебно место во негвоото срце“, каде што е роден, израснал и градот во кој е неговото семејство, роднините и пријателите. додаде дека тука планира да твори и на својот град да му врати „за сите добрини кои ми ги пружи “.

„Би сакал да изразам огромна благодарност до моите сограѓани за поддршката кои ми ја даваат и ветувам дека во следните четири години ќе дадам се од себе да ја оправдам довербата.

Почитувани сограѓани, поаради индолентниот однос на сегашната политичка власт на СДСМ, општина Гевгелија го изгуби епитетот на  најразвиен и најевропски град во Република Македонија.

Да потсетам дека скоро ништо од проектите „ЖИВОТ ЗА СИТЕ“ од локалните избори 2017-та година не е реализирано за граѓаните на општина Гевгелија.

Беше ветен проект за реализација на западниот булевар во Гевгелија, се ветуваше изградба на катна гаража. Нема ни трага ни глас од изградбата на нова детска градинка во Урбан блок 7,  на штета на најмалите и нивните родители.

Четири години Поцков не ја стави во функција времената депонија кај Ново Конско, додека старата депонија гори и претставува голема опасност за здравјето на гевгеличани.

Поцков силно ветуваше и модерен градски парк, но на огромно разочарување на младите нема реализација.

Да не заборавиме дека беше најавуван спортско – рекреативен комплекс со базен на просторот на старата касарна и мултимедијален културен центар за младите.

Поцков во населените места не изгради ниту една канализациона мрежа, ниту пак го реши проблемот со водоснабдување таму каде што го имаше.

Затоа, денес на  изминување на мандатот на градоначалникот Сашо Поцков, евидентно е  дека општина Гевгелија стагнира и дека нема развојна компонента.

Од една надалеку позната урбана средина, изминатите години Гевгелија се претвори во општина во која недостига културен процут и духовно збогатување.

Поради ова, голем дел од нашите сограѓани, а особено помладите спасот го бараат во други држави.

Затоа, мои гевгеличани, доаѓа денот кога еднаш – засекогаш ќе се казни оваа регресивна политика на функционерите на СДСМ од Гевгелија.

Најпрво, мораме сите да научиме дека Гевгелија се сака со конкретни дела, а не само со празни флоскули за просперитетна иднина.

Нас ќе ни судат идните генерации по тоа колку сме дале, а не колку сме зеле од нашиот град кога тој ни бил ставен на управување.

Заради ова, во мојата програма се обврзувам на следниве работи:

  • Овозможување услови за пуштање во употреба на времената градска депонија во Ново Конско.
  • Изградба на западен булевар со што ќе се спречи движењето на тешките товарни возила низ прометните улици околу ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија и ќе се обезбеди сигурноста на учениците и пешаците во тој дел на градот.
  • Изградба на катна гаража за обезбедување на паркинг места во централното градско подрачје и решавање на проблемот со сообраќајниот хаос.
  • Изградба на нова детска градинка во Урбан Блок 7 заради обезбедување на доволно места за сите деца во градинките.
  • Изградба на современ и модерен градски парк кој ќе биде собиралиште на сите млади и место за спокој и рекреација за повозрасните.
  • Проект со кој Гевгелија мора да фати чекор со поголемите градови коишто водат сметка за природната средина и за подигнувањето на еколошката свест кај најмладите.

Драги сограѓани ова се дел од проектите кои сметам дека се неопходни за реализација во следните четири години.

Во наредниот период заедно со Вас ја подготвуваме целосната програма со реални проекти  за мојот четиригодишен мандат,

Сакам да соработувам со секој жител на нашата општина, којшто има добронамерни забелешки и конкретни предлози за нејзиното подобро утре.

Ветувам дека ќе дадам се од себе и со напорна работа заеднички и сплотени ќе и го вратиме на Гевгелија приматот на најперспективен град во Република Македонија.

Затоа, барам од сите Вас конкретна поддршка во периодот што претстои пред нас.

Сите заедно да ја направиме просперитетна Општина Гевгелија за посветла иднина на генерациите после нас!“, се вели во обраќањето на Сарамандов

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.