Сарказам за Бугарија и иронија со ЕУ е досетката „премиер на западна Бугарија“, вели Рама

Сарказам и иронија, велат од кабинетот на претседателот на Владата на Албанија во врска со шегата што во Солун ја направи албанскиот премиер Еди Рама, кога на германскиот канцелар Олаф Шолц му го претстави македонскиот премиер Димитар Ковачевски како „иден премиер на западна Бугарија“. Случката, по која следуваше смеење на присутните, како и од самиот Ковачевски, од ВМРО-ДПМНЕ е протолквана како голем скандал и се побара оставка од македонскиот премиер.

Телевизија 21 побара одговор од кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама за оваа случка.

„„Тоа е сарказам во однос на Бугарија и иронија со Европската Унија. Неформална”, одговориле за ТВ21 од кабинетот на премиерот Еди Рама.

Инаку, на видеото се гледа како пред вечерата по завршувањето на Самитот на земјите од Процесот на Југоисточна Европа, домаќинот, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на германскиот канцелар Олаф Шолц му ги претставува високите гости. Кога дојде ред за македонскиот премиер Мицотакис рече „Тоа е премиерот на Северна Македонија“, а албанскиот премиер Еди Рама кој видно расположен и со чашка во раката го дополни Мицотакис со зборовите „иден премиер на западна Бугарија“, по што следуваше смеење од присутните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.