Саркози осуден на една година затвор

Поранешниот француски претседател Николас Саркози на париски суд е осуден во четвртокот на една година затвор поради нелегалното финансирање на неговата неуспешна претседателска кандидатура за реаизбор во 2012 година.

Шеесет и шестгодишниот Саркози, сепак, веројатно нема да оди во затвор. Се очекува дека ќе се жали на казната, потег со кој всушност ќе ја суспендира, а судијата рекол дека казната би можел да ја отслужува дома со електронска нараквица.

Станува збор за втора осудителна пресуда годинава за Саркози, кој ја предводеше Франција во периодот од 2007 до 2012 година и го задржа влијанието меѓу конзервативците и покрај тоа што падна во немилост на јавноста поради неговите правни проблеми.

Неговата конзервативна партија којашто во меѓувреме го смени името во Републиканци, како што наведуваат обвинителите, на екстравагантни собири во кампањата потрошила речиси двојно од дозволените 22,5 милиони евра според изборниот законик, а потоа ангажирала блиска агенција за односи со јавноста за да ги прикрие трошоците.

Саркози пред судот негираше каков и да е престап. Судот во јуни рече дека не бил вклучен во логистиката на својата кампања за вториот претседателски мандат, ниту во тоа како парите се трошат во текот на предизборната кампања.

Но, судот во одлуката наведе дека Саркози бил запознает со прекумерното трошење, дека не постапувал по тоа прашање и дека не било потребно да ја одобри секоја поединечна потрошувачка за да биде одговорен.

Саркози е прогласен виновен на одвоеното судење во март за обидот за подмитување судии и тргување со влијание за да дознае доверливи информации за судска истрага. Исто така, негираше секакви престапи и во тој случај.

Поранешниот претседател на тоа судење беше осуден на три години затвор, од кои две условно, но всушност сѐ уште не оди во затвор додека во тек е неговата жалба.