Шарлот со голем пресврт го совлада Феникс, Бостон во последната секунда славеше над Портланд

Кошаркарите на Шарлот Хорнетс ноќта кон понеделникот со 115:110 ги совладаа Феникс Санс, откако успеаја да надоместат заостанување од дури 21 поен, додека Бостон со кош во последнат секунда беше за поен подобар од Протладн.

Големата предност на противникот Хорнетс успеаја да ја надоместат благодарејќи на Николас Батам кој постигна 22 кошеви, како и на Двајт Хауард и Кемба Вокер кои додадоа по 18 поени, со што на крајот стасаа до третата победа во низа. Кај Феникс Санс најдобар беше Џош Џексон со 23 погодоци, додека Ти Џеј Ворен додаде 21, а Девин Букер и Драган Бендер по 18 поени.

Бендер постигна „тројка“ со којашто Санс дојдоа до предност од 78:57 по четири минути игра во третата четвртина, но веднаш потоа Хорнетс ја преземаа контролата над мечот. Вокер во третата четвртина постигна 13 поени за Хорнетс кои се приближија на 8 поени разлика до крајот на оваа делница. Во последната четвртина Коди Зелер погоди „тројка“ за водство од 106:96 седум минути пред крајот по серијата на Хорнетс од 20:2. Потоа Санс се приближија најмногу на пет кошеви разлика.

Во најнапнатиот натпревар изминатата ноќ, Бостон Селтикс, водечката екипа во Источната конференција, ги совладаа Портланд Трејл Блејзес со 97:96, благодарајќи на „тројката“ на Ал Хорфорд во последната секунда.

Со оваа победа, четврта во низа остварена без нивниот најдобар играч Кајри Ирвинг, Бостон Селтикс се зацврстија на првото место на Истокот со 39 победи и 15 порази пред Торонто Рапторс кои со 101:86 беа подобри од Мефис Гризлис.

Демиен Лилард ги постигна осумте последни кошеви за Портланд, од кои три во последните седум секунд за водството на Трејл Блејзерс од 96:95. Но потоа за победата на Бостон погоди Хорфорд и покрај одбраната на Ал-Фарук Амину.

Хорфорд мечот го заврши со 22 кошеви и 10 скокови, а Џејсон Тејтам со 17 поени. Кај Блејзерс најдобар беше Си Џеј Меккалам со 22 погодоци, додека Лилард додаде 21 кош.

Лос Анџелес Лејкерс го изненадија Оклахома Сити Тандерс со 108:104 и покрај 36-те кошеви на Расел Вестбрук. Тандерс со 30 победи и 24 порази се петтата екипа во Западната конференција, додека Лејкерс се 11-ти со сооднос на победите и поразите 21-31.