Сашо Мијалков утре во судница

Поранешниот прв човек на УБК во времето Никола Груевски, Сашо Мијалков утре се враќа во судница. Во Кривичен треба да продолжи судењето за масовното прислушување и уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Случајот „Таргет – Тврдина“,повеќе од две години е заглавен во судот, а обвинето е поранешното раководство на МВР.

И додека му се суди на Мијалков тој е слободен човек, иако првиот притвор го доби во ноември 2018 година токму за случајот „Таргет – Тврдина“. Пред три дена беше објавена фотографија од средба на Мијалков и Артан Груби кој е кандидат за вицепремиер од редовите на ДУИ. Истиот ден, Мијалков преку  неговата фан страница на социјалната мрежа Фејсбук агитираше Христијан Мицкоски да ја напушти лидерската позиција во ВМРО ДПМНЕ. Против Мијалков моментално има четири судења. Покрај „Таргет – Тврдина“, тој е обвинет и во случаите „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, „Трезор“ – нарачка на опрема за петтата управа и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Против Мијалков активна е истрагата „Империја“, во која е осомничен и бизнисменот Орце Камчев и која доведе до падот на Катица Јанева и Боки 13 во случајот „Рекет“.