Сашо Мијалков со вкрстени прашања го збуни сведокот на СЈО

154

Зошто Звонко Костовски ги преснимувал материјалите на мемориски стик, па ги префрлал на својот компјутер во УБК, па дури потоа ги префрлал на ди-ви-ди кое го изнесувал од Управата? Зошто воопшто самиот се доведувал во дополнителен ризик кога се декларира како професионалец, внесувајќи и на ди-ви-ди во УБК, наместо да го изнесе меморискиот стик и потоа дома да му ги префрли материјалите на Ѓорѓи Лазаревски? Дали има макар еден доказ за тврдењето дека во канцеларијата на тогашниот директор Сашо Мијалков имало компјутер преку кој тој имал увид и го мониторирал следењето на комуникациите? Дали присуствувавте на презентација на мобилна израелска опрема со којашто може да се снимаат и до 30 разговори и дали тие разговори имаа ист квалитет како тие што ги презентираше Зоран Заев? Пишува Република

Ова се само дел од прашањата кои несериозно и без никаков аргумент, а на моменти и арогантно ги одговараше во судот Звонко Костовски, сведок на СЈО во случајот „Таргет-Тврдина“, на денешното рочиште на кое беше вкрстено испрашуван од ексдиректорот Мијалков.

Иако професионалец, Костовски одлучил да ја компликува целата операција за наводно изнесување на снимените материјали на ди-ви-ди, само заради тоа што така се договориле со Лазаревски. Логично образложение зошто „така се договориле“ и зошто презеле дополнителен ризик, нема.

Нема доказ ниту дека Мијалков имал компјутер преку кој го следел прислушувањето, но на Костовски требало да му се верува.

Костовски присуствувал на презентацијата на мобилната израелска опрема, но „пасивното“ следење на комуникациите имало послаб квалитет на снимките на соговорникот, иако снимките кои ги слушале на презентацијата биле со добар квалитет.

Преку ваквите несигурни одговори, сведокот Костовски повеќе самиот себе се дискредитираше, доведувајќи го во прашање неговиот кредибилитет и аргументираноста на обвинението.

Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски беа обвинети во предметот „Пуч“, во кој Костовски ја призна вината и се спогоди за помала затворска казна, но СЈО одлучи да се повлече од тој случај, креирајќи нов.

Мијалков се обиде да го прашува сведокот и за случајот „Пуч“,истакнувајќи дека тој веќе еднаш бил осуден за нелегалното прислушување, но судот не ги дозволи прашањата, бидејќи не биле вкрстени.

Со оглед на бројните разговори со разни соговорници, меѓу кои и со сопствениот брат, Мијалков преку прашањата тврдеше дека и тој бил таргет, односно дека и неговиот број бил цел на прислушување. Мијалков се обрати и до судот посочувајќи дека овие работи требало да се расчистат, коментирајќи кон судиите „Во ваш интерес е да се расчисти ова“.

Во Основниот суд Скопје 1 продолжуваат вкрстените прашања на кои право имаат сите обвинети во овој случај. Покрај Мијалков, тоа се Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и шестмина вработени во УБК.

Обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски се наоѓаат во соседна Република Грција каде водат постапка за добивање на азил.

 

Извор: republika.mk

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.