Саудиска Арабија уапси 13 лица за планирање терористички напад

Саудиска Арабија соопшти во понеделникот дека уапсиле 13 лица поврзани со планирани напади во земјата, ден откако безбедносните сили објавија дека спречиле напад северно од главниот град Ријад, пренесе службената државна новинска агенција SPA.

Џихадистичката сунитска организација Исламска држава ја презема одговорноста за неделниот обид за напад врз зградата на безбедносната служба во Зулфиа, гратче на 250 километри северозападно од Ријад.

Безбедносните служби соопштија дека убиле четворица наводни исламски милитанти кои го планирале нападот во неделата. Извршиле претрес и во вила во близината за која сметале дека ја изнајмиле милитантите за во неа да ги прават бомбите и заплениле елеци кои ги носат бомбашите самоубијци, бомби, автоматски пушки „калашников“, и публикации за Исламската држава.

Исламската држава во минатата изведуваше самоубиствени напади против џамиите на шиитската муслиманска заедница во Саудиска Арабија и вооружени судири со саудиските безбедносни сили. Ријад пред повеќе од десет години го задуши бунтот на Ал Каеда, чиј дел порано беше Исламската држава.

Блискоисточните земји често го обвинуваат Ријад дека негови високи функционери стоеле во зародишите на Ал Каеда и Исламската држава. Двете терористички мрежи, пак, подоцна ја критикуваат Саудиска Арабија, која е сојуничка Западот, за отстапување од исламските традиции и за застапување на регионалните интереси на САД.