Саудиските оперативци кои го убиле новинарот Кашоги минале обука во САД

Четворица оперативци на саудиската разузнавачка служба кои во октомври 2018 година учествувале во убиството на дисиденскиот новинар Џамал Кашоги, минале паравоена обука во САД, според договор кој го одобрил американскиот Стејт департмент, објави весникот The New York Times.

Обуката ја спроведувала компанијата за обезбедување „Tier 1 Group“ со седиште на американската сојузна држава Арканзас, која е во сопственост на приватната компанија „Cerberus Capital Management“. Според The New York Times, компанијата потврдила дека обуката опфаќала стрелање, спротисавувања при напад со цел да се осигура подобра безбедност и заштита на саудиските лидери. Неименуван извор запознаен со обуката, изјавил дека покрај тоа, Саудијците биле обучени и за следење и за борба од блиску.

Американскиот Стејт департмент ја лиценцирал компанијата „Tier 1 Group“ да спроведе воена обука за припадниците на саудиската кралска гарда во 2014 година, во времето на мандатот на демократскиот претседател Барак Обама. Обуката продолжила најмалку до првата година од мандатот на републиканскиот претседател Доналд Трамп, пишува The New York Times.

Извршниот директор на „Cerberus Capital Management“, која е сопственик на споменатата компанија за обебзедување, исто така, ја потврдил спроведената обука. Но, тој истакнал дека програмата за обука во „Tier 1“ „нема никаква поврзаност со убиството на Кашоги“.

Канцеларијата на директорот на Националното разузнавање на САД во февруари 2021 година изјави дека престоланаследникот на Саудиска Арабија, принцот Мохамад бин Салман, лично го одобрил убиството на саудискиот опозициски новинар Џамал Кашоги, кој поради безбедност ја напушти татковината и живееше во егзил во САД каде што работеше за The Washington Post. Саудиските власти ги отфрлија наодите од извештајот на американското разузнавање, наведувајќи дека „извештајот содржи неточни информации“. Според тогашното соопштение, властите во Ријад веќе ги преземале сите потребни мерки против оние кои го извршиле злосторството.

Џамал Кашоги е убиен на 2-ри октомври 2018 година во комплексот на саудискиот конзулат во Истанбул, каде што влегол по документи потребни за брак со турска државјанка, а неговите посмртни останки никогаш не се пронајдени. Турција за убиството на новинарот директно го обвини саудиските власти, но тие и денес негираат дека во грозоморната ликвидација на Кашоги, во која веројатно бил искасапен и неговите останки уништени со хемикалии, бил вмешан политичкиот врв.

Официјален Ријад во почетокот воопшто го негираше убиството, па дури и дека Кашоги исчезнал во дипломатската мисија, но откако се појавија видео и аудио записи, беа принудени да ја признаат ликвидацијата потоа тврдеше дека го извеле саудиски агенти кои дејствувале на своја рака. Според саудиските власти тоа било „одметничка операција“. За убиството обвинија дваесеттина пониско рангирани одметнати службеници, од кои петмина по судењето кое траеше една година, се осудени на смрт. Меѓутоа, во септември минатата 2020 година казните им беа намалени на 20 години, откако синовите на Кашоги им дадоа прошка.