СБ на ОН размислува за „писмено гласање“ поради коронавирусот

Кина, која е ротирачки претседател на Советот за безбедност на ОН, ја откажа предвидената за денеска седница и е насочена кон „писмено гласање“, имајќи ја предвид опасноста од новиот коронавирус, соопштија дипломатски извори.

Досега гласањата во Советот за безбедност беа јавни и се спроведуваа со дигање рака во салата, која се наоѓа во седиштето на ОН во Њујорк. Ова дозволи дискусии до последен момент.

Денешната средба беше единствената која остана во официјалната агенда на Советот за безбедност за оваа недела, откако многу состаноци беа откажани од 12 март досега. Предвидено е денеска да се изгласаат три резолуции за обновување на истечените мандати поврзани со Северна Кореја, Сомалија и регионот Дарфур во Судан.

Речиси празното седиште на ОН останува симболично отворено по налог на генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш, но претставниците на повеќето земји-членки на Советот за безбедност одбиваат да го посетат и бараат „виртуелно“ гласање. Русија, сепак, остро се спротивстави, отфрлајќи ја идејата за користење видеоконференциска врска за официјални состаноци или за гласање резолуции кои имаат правно дејство во цел свет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.