СБ на ОН: Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје

Пет европски членки на Советот за безбедност на ОН побараа од Северна Кореја да преземе конкретни чекори за целосно откажување од програмата за развој на нуклеарно оружје.

Тоа се однесува и на балистичките ракети, а тоа трбе да се спроведе на проверлив и неповратен начин.

Заедничкото соопштение на претставниците на Германија, Британија, Франција, Белгија и Полска е објавено откако 15-те членки на СБ на ОН одржаа состанок зад затворени врати бидејќи Пјонгјанг објави дека минатата среда извршил проба на балистичка ракета, истрелана од подморница.

Европските членки на СБ на ОН сметаат дека таквите лансирања претставуваат „поткопување на регионалната безбедност и стабилност“ и кршење на резолуциите на Советот за безбедност.

– Од витално значење е Советот за безбедност да ги поддржува своите резолуции. Меѓународните санкции мора да останат во сила и целосно и строго да се спроведуваат, се наведува во соопштението.

Северна Кореја вчера ги предупреди САД, Велика Британија, Франција и Германија дека со отворање на прашањето за нејзините ракетни проби во СБ на ОН, дополнително ќе се поттикне желбата на Пјонгјанг да го брани својот суверенитет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.