СБ повторно не презеде акција за решавање на ситуацијата во Украина

Советот за безбедност на Обединетите нации се состана вчера, по 26. пати на итна седница за Украина и повторно не донесе одлука за преземање акција, но предупреди на можно враќање на борбите во целосен обем во источниот дел на земјата, кој е под контрола на проруските сили.

Како што пренесе МИА помошникот генерален секретар на Обединетите нации за политички прашања Јенс Тоиберг Франдзен изјави на седицата дека ОН се длабоко загрижени поради можноста од повторно распламтување на конфликтот во Украина.

– Украина би можела да се соочи со повеќемесечни катастрофални судири, изјави тој и додаде дека тие судири би можеле да потраат повеќе години, па дури и децении.

Според украинскиот амбасадор Јуриј Сергеев отворена војна на истокот на Украина се уште не почнала, пред се поради украинската воздржаност.

– Недостигот на реакција на Специјалната наљудувачка мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на акциите на украинските сили го потикна конфликтот, изјави првиот заменик на рускиот амбасадор во ОН, Александар Панкин.

Тој нагласи дека тешка артилерија и тенкови се забележани во близина на градот Карловка во околината на Доњецк на 9 ноември, а еден ден порано украинската војска распоредила во регионот на Луганск ракетни системи “„Град“ и „Уараган“, заедно со тактички ракети „Скад“.

– Зошто тие не кажаа ништо за овие факти, праша Панкин и додаде дека на сите треба да им биде јасно дека недостигот на информации во извештаите на ОБСЕ создава лажна и провокативна слика за се што се случило во источна Украина.

Американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер изјави дека Русија постојано говори за мир, а всушност постојано ја поттикнува војната.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.