СДСМ ја одби понудата на Mицкоски и порача ВМРО-ДПМНЕ да престане да одработува за туѓи интереси

Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, го одби предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за безусловна поддршка на малцинска влада, со која владејачката партија би продолжила да владее без притисоци од коалициските партии.

– Јас сметам дека Мицкоски треба да повика дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да престанат да прават блокади и опструкции и да не одработуваат за туѓи центри и држави кои не ѝ мислат добро на оваа држава. Да дојдат на пленарната седница и да дискутираме и да ги соочиме аргументите и на крајот да донесеме заклучоци, со кои ќе ја обврземе Владата, оваа и секоја наредна, во делот на спроведување на процесот да се зачува чистиот македонски јазик, македонскиот идентитет и посебноста со сите историски, образовни и културни карактеристики и истите да не бидат дел од праговарачката рамка како што е сега – порача Каевски.

Тој дополни и дека очекува целата опозиција да гласа за францускиот предлог во Собранието.

– Очекувам дека дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и целата опозиција, ќе ги поддржат овие заклучоци зошто многу често ги слушаме дека влегувањето во ЕУ е потребно на државата со зачуван македонски јазик, идентитет и посебноста на македонскиот народ во делот на историските, културните каратеристики надвор од преговарачката рамка – додаде тој.