СДСМ без целосна поддршка од коалиционите партнери за договорот со Алтернатива

Коалициските партнери на СДСМ се против договорот Заев-Гаши. Според нив, условувањата на Алтернатива се непринципиелни, а за нив не се прифатливи некои точки од програмата потпишана меѓу двајцата лидери. На синоќешната средба во Владата Демократскиот сојуз, ЛДП и ДОМ главно се спротивставиле за новиот Закон за рамноправен регионален развој и најавеното отворање на монтирани случаи. Павле Трајанов вели дека ваквиот договор може да биде пречка за новиот мандатар.

Либерал-демократската партија не бара ресор од првиот или вториот ешалон, туку се спротивставува на идејата за рамноправен регионален развој без консултации со ресорот локална самоуправа на чие чело е токму нивен министер. Според ЛДП, во договорот Гаши-Заев има точки кои не можат да се преточат во законски одредби и затоа се неприфатливи.

ДОМ ќе го разгледува договорот Заев-Гаши во органите на партијата. Маја Морачанин за Алсат изјави дека е политички неприфатливо да се влијае врз правосудниот систем и во принцип е против предлогот на новиот Закон за рамноправен регионален развој бидејќи законско решение во моментов постои во Собранието. Морачанин вели дека нејзината партија не бара извршни позиции и оти е против формирање министерства без ресор.

Извори од синоќешната средба велат дека управни позиции побарале и претставници на турските партии. Истите извори велат дека барањето на турското малцинство за соодветна застапеност во извршната власт доаѓа од официјална Анкара, односно бараат министер за привлекување странски инвестиции од Истокот, па дури било наведено и конкретно име за таа функција. За конечниот одговор, малите партии ќе ги чекаат случувањата во СДСМ, но и можниот датум за преговори со ЕУ. Партиите од предизборната коалиција со СДСМ заеднички имаат 8 пратеници.