СДСМ чека да заврши постапката за инцидентот на пратеникот Трпески, за да се произнесе

Вчера пратеникот на СДСМ од Гостивар, Благојче Трпески, учествуваше во инцидент при што физички нападна граѓанин на Гостивар кој со своето малолетно дете го паркирал автомобилот. Освен физичкиот напад, на граѓанинот му беше искршено и ветробранското стакло на автомобилот.

Во врска со овој инцидент побаравме став од неговата партија и што планираат да преземат.

„Откако ќе биде завршена постапката ќе можеме да зборуваме каде треба да се лоцира евентуална одговороност. Ширење шпекулации не се во интерес ниту на граѓаните ниту на постапката за расчистување на случајот“, изјави гласноговорникот на СДСМ Костадин Костадинов кој нагласи дека очекуваат сите надлежни институции да постапат, да се расчисти случајот во целост, а јавноста да биде информирана за сите детали.

„СДСМ осудува каков било чин на насилство. Покажавме дека одговорно и отчетно ја водиме државата. Секаде каде што има законски или прекршувања на моралните норми следува одговорност“, потенцира Костадинов.

Синоќа од СВР Тетово информираа дека настанот кај нив телефонски бил пријавен во 15:20 часот од страна М.С. (33) од Гостивар. Тој според пријавеното, претходно го паркирал автомобилот „бмв“ со гостиварски регистерски ознаки на улица „Илинденска“ во близина на трговскиот центар. Набрзо, потоа Б.Т. (54) кој бил во близина реагирал по што настанала расправија.

Според очевидци, пратеникот бил во видна алхолизирана состојба кој од страна на полицијата не бил подоложен на алко-тест.