СДСМ: Чулев да престане да шири лажни вести за набавката за храна во МВР

И на демантирани лаги ВМРО-ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести, реагира СДСМ на прес-конференцијата на Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ за тендерот за набвака на храна во МВР.

„Наќе Чулев, наместо да шири лажни вести, конечно, да се изјасни за неговата инволвираност во кумановските настани. Јавноста очекува одговори од Чулев на овие круцијални прашања, а не измислени приказни. Лага до лага, само тоа знаат во ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.

Чулев претходно објави дека министерот Оливер Спасовски доделува тендери вредни 13 милиони евра на фирми блиски до СДСМ.

„’Индустри сервис’, со добивање на двата тендери од МВР на Спасовски – за Центарот за обука во Идризово и полицискиот центар во Ѓорче Петров, станува една од фирмите преку која се одлеваат најмногу буџетски пари од ова министерство, вкупно речиси фантастични 13 милиони евра според овие два договори. Уште посимптоматично е што токму Оливер Спасовски, кој е министер во МВР, институција која ги прави двете набавки бил на поставување на камен темелник на фабриката на Индустри сервис во Гази Баба пред неколку години. Ова е фотографија од која се гледа Спасовски во друштво на сопственикот на фирмата ‘Индустри сервис’ Драган Смилковски. А на поставувањето на камен темелник на фабриката во Гази Баба е речиси цела влада на СДС и други функционери“, рече Чулев.

Информациите за тендерот за набавка на храна Чулев ги презентираше и вчера, по што стигна демант од МВР. Со спроведената набавка МВР ќе добие повисоко ниво на услуги од сегашното, поголем квалитет на оброците, инвестиции во објектите од страна на операторот од кои дел ќе останат во трајна сопственост на МВР, а ќе направи порационално користење на кадарот и финансиски заштеди, а не трошоци со целиот процес, одговорија од министерството.