СДСМ: Дигитализацијата ќе обезбеди поголема интерактивност и намалување на учењето дома

ВМРО-ДПМНЕ повторно најавуваат нови обиди за референдум и блокада на реформите во образованието и дигитализација на наставниот процес откако им се случи фијаско со партиските протести и откако им пропадна нелегитимниот обид за собирање на потписи. Правото за покренување иницијатива за референдум е легитимно и загарантирано со Уставот, но ова е уште еден апсурден обид за блокада на реформа која е исклучително значајна за целокупниот образовен процес – обвинуваат од СДСМ.

Според нив новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е во согласност со европските практики, но и времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат.

-Етапната дигитализација на наставниот процес која се воведува со ова законско решение ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно ќе се воведе и инклузивност, со оглед дека учебниците ќе бидат достапни и во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Истовремено, ниту еден ученик нема да остане без печатен учебник кој ќе може да го добие доколку има потреба од него – велат од СДСМ.

Тие обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ цели 11 години го урнисува образованието преку погубните политики, ги манипулира наставниците и професорите.