СДСМ ќе ги разгледа односите со сите коалициски партнери

Премиерот Зоран Заев изјави во понеделникот деека на седниците на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ во петок ќе се разговара за сите политички прашања, ќе се направи рекапитулар на годината, ќе се разгледаат и односите со сите во коалицијата, потенцирајќи дека таа донела големи одлуки за државата.

Пред средината на февруари следната година, како што вели, нема да се прават договори за заеднички настап пред предвремените парламентарни избори што се закажани за 12-ти април следната година.

Во петок ќе имаме Извршен и Централен одбор каде ќе ги носиме одлуките, и на седниците ќе ги разгледаме и сите други политички прашања сакајќи да направиме рекапитулар повеќе на годината. Коалициски договори, спогодби или договори за заеднички настап пред изборите од кој било карактер не верувам дека ќе се прават пред средината на февруари заради тоа што кандидатските листи според роковникот ако не се лажам се поднесуваат некаде до 12 март. Имајќи го тоа во предвид ќе ги искористиме сите можности што ни се на располагање како подобро да се позиционираме пред граѓаните во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за новата инвестиција на „Скејл Фокус“.

Прашан дали во партијата е отворена темата за коалицијата со ДУИ, премиерот рече дека ќе ги разгледаат односите со сите и посочи дека и јавно ги коментираат таквите односи, кога, како што вели, ни се случуваат некои непријатни чувства.

Но, уште еднаш да напоменам дека оваа владина коалиција ги донесе големите одлуки за државата, довербата е голема и верувам дека сето тоа СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ ја прави извесно победничка партија која што ќе ги почитува гласовите на сите граѓани и во делокругот на помалкубројните и повеќебројхите политички партии, круговите на македонската заедница, но и на помалкубројните етнички заедници во државата, рече Заев.