СДСМ форсира нов изборен модел, ДУИ одговори со нови 1.400 амандмани

СДСМ доследни во намерата да се истурка измена на изборниот модел во пресрет на предвремените парламентарни избори догодина. Но, се чини дека ДУИ не им попуштаа па на закажувањето на комисиската седница за предлог измените за Изборниот законик одговори со поднесување на нови амандмани покрај оние 5.000 што досега ги доставија до Собранието.

Претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски за утре попладне ја закажа седницата на која што треба да почне расправата по поднесени измени. Кирацовски иако и самиот не е убеден дека расправата ќе заврши со конкретен заклучок сепак вели има деловничка обврска да ја почне.

Ги повика ДУИ и ВМРО ДПМНЕ да ги повлечат поднесени амандмани. Но, од партијата на Али Ахмети немаат таква намера. Дополнително, според собраниски извори, поднеле уште 1.400 амандмани на двете предлог измени на Изборниот законик.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека Кирацовски не смее да ја закаже комисијата бидејќи нема деловничка можност за истата да се одржи. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека поднесените амандамни се уште не се обработени од собраниските служби и не се внесени во електронскиот систем.