СДСМ ги избриша објавите на Фејсбук за конкурсот за попишувачи

Откако во медиумите се објави дека СДСМ на своите официјални профили на социјалните мрежи, скандалозно споделуваат оглас во кој се бараат реонски попишувачи и инструктори за најавениот попис, од партијата ги избришаа спорните објави.

Кај јавноста логично се создаде верување дека пописот што го организира Владата, ќе се спроведува од членови на СДСМ, при што би спроведувале насоки на премиерот Зоран Заев.

Инаку, конкурсот за попишувачи беше објавен од Државниот завод за статистика, надлежна институција за спроведување на пописот.

За партиското споделување на државниот конкурс, реакција имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Најдобар доказ дека не е статистичка, туку политичка операција пописот. Партиски оглас за државни попишувачи. Срам и беда. Од месечината се гледа дека овој попис на власта е фалсификат. Затоа, стоп за овој фалсификат попис!“, напиша тој на својот Фејсбук профил.