СДСМ го корегира Зоран Заев

Социјалдемократкиот сојуз на Македонија во соопштение испратено до јавноста реагира на, како што велат, „шпекулативните текстови на Курир и други медиуми под контрола на власта.“

СДСМ во реакцијата го дообјаснува ставот на лидерот на партијата Зоран Заев искажан вчера во Брисел.

„Дополнително, македонско-грчкиот дијалог не смее да се сведе само на спорот со името. Токму затоа Претседателот Зоран Заев предложи зголемување на соработката околу искористување на средствата од ИПА програмата за погранична соработка, поттикнување на економската соработка како и соработката во други области, со што би се отворил простор за повеќе билатерални средби на највисоко ниво. На средбата воопшто не се разговараше за било какви детали поврзани со преговарачкиот процес околу проблемот што Грција го има со нашето уставно име, што е логично бидејќи опозицијата не учествува во тој процес“, стои во денешната реакција од СДСМ, пренесува Курир.

Но,  појаснуваат од порталот, сепак, постојат дијаметрално спротивни разлики од она што Заев вчера го кажа во Брисел до денешното соопштение (реакција) од страна на неговата партија.

СДСМ денеска во реакцијата вели дека воопшто не се разговарало за било какви детали поврзани со преговарачкиот процес околу проблемот, додека Заев вчера во Брисел изјави дека спорот бил една од темите на средбата со еврокомесарот Филе. Заев кажа и дека од нивна страна се нотирани неколку идеи, како би можело да се најде решение.

 

„Разговаравме посебно по две теми. Една од темите е внатрешните реформи во Република Македонија и секако проблемот со името поврзан со Грција. Побаравме од Европската Комисија да го искористи грчкото претседателство за подиректно да се вклучи во решавање на долгогодишниот проблем. Нотиравме неколку идеи како тоа би можело да се случи, за секако да конвергираме до конечната цел, да се најде решение. Но, секако очекуваме дека она коешто зависи од Република Македонија, пред се од нас како политички партии од власта, секако и од опозицијата, ќе биде решено и надминато“, се вели во изјавата на Заев.

Со чинот на корегирање, односно дополнување на сопствениoт лидер, Зоран Заев претрпува уште едно омаловажување, откако претходно, како што пишуваа дел од медиумите, на првиот човек на социјалдемократите му било забрането да дава изјави за медиуми кои не се под нивно влијание или пак да одговара на прашања поставени од новинари. Зад ваквото “повлекување“ на Заев, медиумите пишуваа дека стои советникот за комуникации на СДСМ, Роберт Поповски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.