СДСМ го прифати Чулев за технички министер за внатрешни работи

Познат е составот на техничката влада што треба да ги организира изборите на 12 април. ВМРО и СДСМ постигнаа договор околу тоа Наќе Чулев да биде технички министер за внатрешни работи. Чулев е поранешен директор на агенцијата за разузнавање и беше предложен во последен момент од страна на Христијан Мицкоски откако претходниот кандидат беше одбиен од власта. СДСМ потврдија дека тој е прифатлив кандидат за нив.

Технички премиер од редовите на СДСМ ќе биде Оливер Спасовски, министерката Царовска е предложена за вицепремиер за економски прашања како наследник на Кочо Анѓушев. Рашела Мизрахи е предложена за министер за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За дополнителен заменик во внатрешни работи е предложена Славјанка Петровска, а за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Во текот на утрешниот ден, паралментот најпрво треба да ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев. Претседателот Стево Пендаровски веднаш ќе треба да го додели мандатот за состав на техничката влада на Спасовски, која ќе се гласа од парламентот.

Собранието според законските рокови треба да се распушти до 10 февруари, а на 12 април треба да се одржат и договорените избори.