СДСМ и ДУИ секогаш бегаат од одговорност, но одговорност ќе има

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека од денеска собранискиот Етички кодекс не постои и оти со гласањето „против“ дневниот ред на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања пратениците од СДСМ го оправдале однесувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери и односот кон администрацијата кој што го слушна целата македонска јавност.

– Ова што денеска го доживеа администрацијата и на денот кога се случи, тоа што се направи со заклучувањето на пратениците е нешто што се случува во секоја институција во целата држава, секој ден. Омаловажувањата, понижувањата, мобингот, непочитувањето е нешто што на дневна основа го доживуваат сите граѓани на државата, без разлика на верска, етничка или која било припадност. Вака функционира двоецот, СДСМ и ДУИ – рече Мицевски.

Според него, тие секогаш бегаат од одговорност, но одговорност ќе има и тоа пред граѓаните.

Мицевски повторно повика граѓаните да им се придружат на протестот на 18 јуни и рече дека тоа ќе биде почетокот на крајот на оваа аздисана власт и безредие кое владее.