Власта и опозицијата и во новата година продолжија со меѓусебните обвинувања за претстојниот попис на населението…
„Нејасни се за нас три поенти, односно три состојби. Првата, зошто не се објавува методологијата на попишување која што требаше да биде интегриран дел на Законот за попис за сите да ја видат? Под број два, зошто СДСМ е против терминалите за отпечаток на прст кои што секако треба да се набават и е законска обврска за локалните избори кои ќе се одржат оваа година и третиот дел тоа е дека СДСМ се обидува да направи попис во кој луѓето нема да имаат доверба, граѓаните нема да имаат доверба и институциите нема да имаат доверба. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе кредибилен попис по сите стандарди на ЕВРОСТАТ“, изјави Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признаат пописот само затоа што не биле прифатени нивните амандмани е пример за дејствување спротивно на државните и националните интереси, одговорија од СДСМ. Попишувањето на граѓаните е законска обврска, а не желба на поединци велат од партијата.
,,ВМРО-ДПМНЕ не сака да разбере дека пописот е статистичка, а не политичка операција, важен процес за да имаме целосно податоци кои се битни за креирање политики и натамошен рамномерен развој на сите сфери во државата. Пописот ќе биде спроведен согласно сите стандарди и прописи на ЕВРОСТАТ, целосно усогласено со меѓународните пракси. Оттаму, сета наводна загриженост на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо друго освен очаен обид оваа статистичка операција да се одложи и дополнително да се политизира. Јавноста може да биде спокојна. Од Државниот завод за статистика има целосно уверување дека сите стандарди се задоволени дури и повеќе од тоа и дека ќе се преземат сите можни мерки да се спречи двојно попишување.
Опозициските амандмани, меѓу кои и главното барање од ВМРО-ДПМНЕ за попишување со отпечаток од прст само на оние лица кои се во Македонија, а не и надвор од државата беа одбиени на собраниската комисја за европски прашања што се одржа пред новогодишните празници.
Според најавите од претседателот на Собранието Талат Џафери, Законот за попис се очекува да се најде пред пратениците на пленарна седница по 18 јануари.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија треба да се одржи во периодот од 1 до 21 април 2021 година.