СДСМ им забрани одмори и кафеани на своите функционери

264

Со „наредба“ врвот на партијата на функционерите од редовите на СДСМ до изборите им е забрането да одат на одмори, по кафеани и кафулиња.

Генералниот секретар и шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Љупчо Николовски пред неколку дена испратил допис до сите општински изборни штабови со насоки за одговорно однесување почнувајќи од 20-ти јануари до 12-ти април, денот кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори.

Николовски своите сопартијци ги предупредува дека е важно каква слика ќе прикажат до гласачите во предизборието па оттаму им сугерира да не патуваат и да седат по кафана. А, веќе доколку мораат да одат од таквите активности да не објавуваат фотографии на социјалните мрежи, може да се заклучи од напишаното.

Николовски во писмото пишува:

„Многу важно, очекувам и барам крајна одговорност и дисциплина во однесувањето, кон граѓаните, во приватниот живот и објавите на социјалните мрежи. Од тоа зависи каква порака испраќаме кон граѓаните. Затоа, приватни патувања, одмори, ресторани, кафетерии не треба да има. Многу важно: фотографии од кафеани, одмори, ресторани кафетерии воопшто да нема“, пишува генералниот секретар на СДСМ во укажувањето до сопартијците.

Николовски за дел од медиумите објаснува дека станува збор за редовни насоки кон членството на веќе афирмираните принципи за одговорно и отчетно однесување на партиските функционери.

Дел од јавноста со коментари дека дописот е врв на лицемерието од страна на функционери и дека преставува обид на граѓаните да им се даде привид за скромни и одговорни функционери наспроти нивната вистинска природа. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев на Фејсбук со ироничен статус го искоментира писмото на Николовски.

Дали забраната за фотографирање по кафеани и сл. важи само за членови на СДСМ или и за симпатизери и треба ли наназад да се бришат вакви фотки?, напиша професорот на Фејсбук.

Експертите велат партии треба да бараат од своите членови да внимаваат на своето однесување, но тоа треба да биде постојано, а не само на два месеци пред избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.