СДСМ: Има сериозни шанси да се постигне договор за законот за јавно обвинителство

49

Има сериозни шанси да се постигне договор со опозицијата за законот за јавно обвинителство со кој се решава идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, брифираат високи извори во СДСМ.

Оттаму велат дека се задоволни од процесот околу усогласувањето на законот со опозицијата и нагласуваат дека за нив најдобро посакувано решение е законот да се изгласа со консензус на собраниската седница закажана за 10 септември. Доколку не се постигне договор, како што брифираат, тогаш Советот на јавни обвинители ќе треба да назначи в.д. специјален обвинител на СЈО. Според нив, предметите на СЈО треба да продолжат од точката до која се стигнати, додека за предистрагите и истрагите што се водат во СЈО треба да одлучи јавен обвинител дали тие ќе продолжат.

Истите извори признаваат дека по случајот „Рекет“ во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка, постои разочараност кај граѓаните од правосудството, но истакнуваат дека доколку има детална истрага која ќе ги даде одговорите што јавноста ги очекува, тогаш тоа би можело да биде аргумент плус во насока на добивањето датум за преговори.

Од СДСМ велат дека не се задоволни што дел од одлуките во судските процеси се одложуваат и сметаат дека треба да се спроведе ветинг во правосудството, но напоменуваат дека тоа не би требало да се случи пред одлуката на Европскиот совет за датум за преговори, пред се поради противењето на Европската комисија за ваковиот процес, негативните искуства од Албанија и недостигот на кадри во правосудниот систем. Од партијата посочуваат дека е отворена опцијата ветингот да го спроведат меѓународни експерти.

Велат дека не се за предвремените избори, а доколку би се одржале, тогаш најдобра опција е октомври 2020 година, но никако пред одлуката за почеток на преговори со ЕУ и самитот на НАТО во Лондон. Впечатокот на партијата е дека ќе победат доколку утре се одржат избори.

Во однос на пописот, категорични се дека теренскиот попис треба да се одржи во периодот од 1 до 30 април 2020 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.