СДСМ ја предложи Рената Треневска Дескоска за потпретседател на Собранието

Рената Треневска Дескоска е предлогот на СДСМ за потпретседател на Собранието, соопшти на прес-конференција координаторот на пратеничката група Горан Сугаревски.

Пратеникот Горан Мисевски ќе биде претседател на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка за следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, додека Хари Локвенец на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.

Попладнево во Собранието ќе заседава Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која ќе се разгледуваат предлозите на пратеничката група на опозицијата за потпретседател на Собранието и за членови на собраниските комисии и тела.

Сугаревски се надева дека до 15 септември ќе биде избран специјален обвинител и посочи дека враќањето на СДСМ во Парламентот и сите овие чекори што ги презема опозицијата се во насока на исполнување на договорот од Пржино.

Сугаревски на денешната прес-конференција објави дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата до Собранието доставила пет закони со кои бара укинување на екстерното оценување, зголемување на минималната плата од 9.590 на 11.000 денари и измени во Законот за буџет. Ова биле барања, според него, на граѓаните со кои тие во изминатите месеци се среќавале. Очекува трите закони коишто се поврзани со екстерното тестирање и законите за минимална плата и за буџет да бидат подржани од сите пратеници во Собранието без разлика на пратеничката група на која што и припаѓаат