СДСМ: Лажни се тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за наводни ценовни шокови

ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш покажува дека не и важно справувањето со здравствените и економски последици од коронавирусот, туку само се обидува да заработи некој политички поен плус на маката на граѓаните, истакнуваат од СДСМ во денешното соопштение како реакција на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако претходно од белиот дворец лажеа дека имало само 100 тестови за коронавирус, ако лажеа дека 140.000 граѓани во периодов останале без работа, денеска лажат за наводни ценовни шокови и инфлации и очајно се обидуваат да внесат вознемиреност во јавноста.

Во случај кога за само неколку малопродажната цена на горивата е намалена за 20 денари, а согласно светските случувања се уште се намалува, дополнителната акциза нема да значи дополнителен финансиски товар за граѓаните и стопанството.

Зголемувањето на акцизата на горивата е времено и ќе го следи намалувањето на цената на нафтата на светските берзи, односно ако цената на нафтата се зголемува, тогаш дополнителната акциза ќе се намалува“, сметаат од СДСМ.

Граѓаните да останат смирени, порачуваат од СДСМ, затоа што нема да има никакви ценовни шокови и инфлации како што лажно тврди ВМРО-ДПМНЕ.

„Она што е важно е фактот дека трите денари од повисоката акциза за нафтените деривати, одат директно во буџетот за поддршка на стопанството, социјалните мерки за поддршка на граѓаните и за поддршка на нашиот здравствен систем.

Кризата со коронавирусот остава сериозни економски последици на глобално ниво, а не е поштедена ниту нашата земја и за нејзино надминување потребни се сериозни финансиски средства и солидарност од сите. Но солидарноста одамна е непознат поим за ВМРО-ДПМНЕ која продолжува со деструктивно и неодговорно однесување и во време на здравствена и економска криза“, категорични се од оваа партија.