СДСМ: Мицкоски се определи за Груевски по секоја цена, го брани неговиот криминал

Христијан Мицкоски не собра сили да се огради од криминалот и злоделата на неговиот ментор и шеф Никола Груевски, се вели во реакцијата на СДСМ по синоќешното гостување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, при што додаваат дека со тоа, Мицкоски се определил за Никола Груевски по секоја цена.

„Најавата за бришење на функцијата почесен претседател, без осуда, без оградување од криминалот на Груевски е уште еден прочитан блеф на Мицкоски. Мицкоски се опкружи со луѓе од режимот меѓу кои и исцелител, но и човек кој јавно на телевизија навредуваше пратеници на СДСМ и бранеше насилници кои насилно упаднаа во Собранието. Со такви ликови се борат само за обнова на режимот, заробената држава и груевизмот“, сметаат од СДСМ и додаваат дека лажните преродби и обнови се стариот крив пат на Груевски и Мицкоски, а, според нив, членството во НАТО и ЕУ и носењето на парите кај граѓаните е правиот пат.

„По неколку изборни порази Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да се подготвуваат за нов пораз на наредните избори, кога и да се“, порачуваат од партијата на власт.