СДСМ најавува измени во Кривичниот законик, за да не остане ниту една форма на насилство неказнета

Во рамки на денешното соопштение, владејачката СДСМ вели дека ќе се залага против целиот формат на насилство, па оттаму велат, дека ќе се обезбеди поширок фронт против секое насилство.

„СДСМ се залага за институционално делување против секаков вид на насилство и заштита на жртвите, особено имајќи ја предвид појавата на нови видови на кривични дела, поврзани со брзиот развој на социјалните мрежи и новите дигитални платформи и медиуми.

За да обезбедиме простор за поширок фронт против секој вид на насилство, Министерството за правда подготвува измени и дополнувања на Кривичниот законик со воведување на две нови кривични дела „Демнење“ и „Сексуално вознемирување’.

По разгледување на предлог измените и дополнувањата, очекуваме конструктивна дебата и поддршка од сите пратеници за усвојување на новиот Кривичен законик.

Само на овој начин ќе спречиме нови „Јавни соби“ само на тој начин ќе обесхрабриме нови насилства и посегнување по личните слободи на граѓанките и граѓаните.

Не смееме и нема да дозволиме ниту една форма на насилство или повреда на права на жени, девојки или кој било граѓанин, да останат неказнети.

Апелираме Обвинителството и судот да постапуваат брзо, одлучно и професионално со случајот Јавна соба, но и со други случаи на физичко и сексуално насилство и да бидат суштински дел од институционалниот одговор во санкционирањето на полово и родово базираното насилство.

Жртвите на секаков вид насилство треба да знаат дека не се сами, државата, институциите се тука за да ги заштитат, но и соодветно да ги казнат сите оние кои сториле каков било вид на насилство.

СДСМ останува силно посветен на градење праведно и правично општество, во кое нема место за какво било физичко, психичко или сексуално вознемирување, кое е насочено кон спречување на насилството и на адекватна заштита на жртвите“, се вели во соопштението од владејачката партија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.