СДСМ не се откажува од воведување една изборна единица

СДСМ не се откажува од ветувањето за измени во Изборниот законик и воведување една изборна единица, истакна денеска премиерот Зоран Заев.

– Ниту сакаме, ниту имаме право, ниту треба да се откажеме. Јас сум свесен дека со ваков огромен број на амандмани и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, тоа буквално изгледа невозможна мисија. Но, тоа дава можност и за дијалог, за разговори и за се, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање дали можеби за овие избори ќе се откаже од измените во Изборниот законик во делот на една изборна единица.

Тој изрази надеж дека во претстојниот период ќе биде изнајден начин за договор за измените, за да се постигне закон во согласно со она што е најважно за државата, а не за големите политички партии. Според него, со моделот со една изборна единица добива демократијата, помалубројните етнички заедници и помалите политички субјекти и се отстранува можноста за воспоставување автократски режим.

– Ако го промениме изборниот модел од шест изборни единици во една изборна единица има доволно време тој да се имплементира. Ќе одиме со дискусијата до крај во Парламентот и верувам нашите граѓани уште повеќе ќе знаат што е предноста на едниот концепт, што е предноста на другиот, порача Заев.

Тој ги негираше информациите дека СДСМ разговара со ВМРО-ДПМНЕ околу измените на Изборниот законик без знаење и присуство на другите политички партии.

– Сите дискусии што се случуваат околу изборниот модел се на парламентарно ниво, односно се случуваат за предлогот за двата закони коишто ги даваат самите пратеници и да не заборавиме, тука имаме две измени. Едната измена е една изборна единица, другата е балансиран процес каде што мажите и жените се рамномерно застапени, односно двата пола 50:50. СДСМ ја поддржа ваквата иницијатива. Верувам низ дебата ќе ги решиме сите овие работи, додаде Заев.

Запрашан да ја коментира вчерашната изјава на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека според анкетите ВМРО-ДПМНЕ има „најмалку 100 илјада гласови предност пред СДСМ“, Заев одговори дека таквите резултати веројатно се според истражувањата што ги прават нивните партиски анкетари за нивни потреби.

– ВМРО-ДПМНЕ губи на анкетите и ќе изгуби. Јас сум убеден, како што реков, дека помеѓу 60 и 120 илјади гласови ќе биде резултатот во позла на СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ, нагласи Заев, одговарајќи на новинарски прашања по неформалната средба со претставници на пензионерите.