СДСМ нема концепт за економски реформи

Бидејќи она што во последниот период нѐ загрижува најмногу се преголемото задолжување  што државата го прави во изминативе четири години и оди на товар на Буџетот и на стопанството, денеска сме во посета на Кочани, каде што најголем дел од времето ќе го посветиме на средби со стопанствениците, рече на прес-конференција  Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека владата предводена од СДСМ покажува дека нема никаков концепт за спроведување на реформите во економијата, туку дека настојува да воспостави партиска контрола над економските реосри.

„И втората работа е сериозната закана од инфлацијата којашто веќе ни се случува. Тоа значи обезвреднување на парите. Оној кој што можел со 1.000 денари да купи нешто во декември минатата година, оваа година ќе му вредат тие пари за 200-250 денари помалку. И за тоа сметаме дека стопанството е под голем притисок и во самата општина Кочани, и би сакале да ги сослушаме стопанствениците за да можеме да добиеме некакви предлози и идеи за преку Собранието да им се даде сериозна помош“, истакна Милошоски придружуван од сопартијците и колеги во Собранието  со колегите Миле Лефков и Тимчо Муцунски.

Посочи дека не смее да се дозволи ваквото беспредметно задолжување да продолжи во иднина, и да оди само на нови непродуктивни вработувања или на некакви коруптивни тендери, а да нема за возрат ништо за стопанството и за граѓаните.

Во однос на кадровските промени во СДСМ направени на конгресот изминатиот викенд, Милошоски оцени дека владејачта партина нема концепт за економски реформи.

„Поврзано со кадровските поместувања во СДСМ јас би кажал само две констатации. Првата е дека партијата која што во изминативе четири години смени три министри за финансии дава сигнал дека нема концепт за економски реформи“, укажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ:

Исткана дека друга работа што е загрижувачка, е тоа што во Европа не се случува главниот директор на државната управна агенција за собирање на даноци (во Македонија – Управата за јавни приходи) да биде и партиски човек или послушник на премиерот.

„Обично директорите на УЈП во земјите членки на Европската унија се лица со интегритет кој што си ја вршат својата задача кон сите стопански субјекти подеднакво независно од партиската припадност, овде испаѓа дека кој е поблизок со фирмите на Заев или со фирмите на ДУИ дека тој добива награда да биде партиски заменик претседател. Затоа сметам дека ваквиот чекор дополнително ќе го влоши рангирањето на Македонија кое што во моментот е на 111-то место на листата на „Транспаренси Интернешнл“ за борба против корупцијата“, нагласи Милошоски.