СДСМ одби 10 отсто зголемување на платите за администрацијата

Парламентарното мнозинство на чело со СДСМ на денешната собраниска комисија за труд и социјална политика го одби амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите од 10% за администрацијата. Со одбивање на нашиот амандман СДСМ покажа дека ова минимално зголемување од 5% е само политички маркетинг на власта на чело со СДСМ, истакна Невенка Стаменковска Стојкоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

-Минималните 5% кои што се предвидени во измените на предлог законот за исплата на плати се само популистичка мерка на СДСМ која што реално нема да го покачи стандардот на вработените во администрацијата. Доколку намерата на пратениците на СДСМ беше искрена ова покачување на платите ќе беше поголемо и ќе беше прифатен нашиот амандман за зголемување на платите од 10%. Наместо владата на Зоран Заев да се расфрла со пари за патувања и прошетки на функционерите или за плаќање на десетици советници, мора да најде средства за соодветно да ги покачи платите на административците, рече Стаменковска и додаде:

„Покачувањето од 5% претставува потценување на вработените во администрацијата. Административците се уште едни во низата жртви на лагите и манипулациите на СДСМ. Покачувањето на платата за јавниот сектор беше ветување кое според СДСМ требаше да се оствари уште од јануари годинава. Денес сме 3-ти октомври и гледаме дека се уште не е реализирано. Дополнително поради некоординираноста и хаосот кој што го направи власта, веќе трет ден административците немаат земено плата, а во многу институции не се исплатени и редовната непокачена плата“.

Владее целосен хаос, потенцира таа, а граѓаните се оставени на цедило.

-Повторно неодоговрното работење на министрите, во оваа ситуација на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска треба да го покриваат пратениците во Собранието. Ваквиот однос на Власта кон вработените е некоректен и конечно некој треба да сноси одговорност. Граѓаните секогаш мора да се на прво место. Правата на вработените и обезбедувањето на подобра егзистенција било и ќе остане приоритет на ВМРО ДПМНЕ. Без разлика на тоа што нашиот амандман беше одбиен, ВМРО ДПМНЕ ќе ги подржи овие законски измени и во иднина ќе побара повторно, реално и поголемо покачување на платите.