СДСМ: Потребна е вонредна состојба за надминување на ситуацијата со коронавирусот

Потребна е вонредна состојба за надминување на ситуацијата со коронавирусот, следуваат економски мерки за ублажување на ударот врз стопанството, се истакнува во соопштението на СДСМ од средата во врска со ситуацијата со пандемијата на коронавирусот во земјата.

Владејачката партија посочува дека „јавното здравје е соочено со огромен предизвик од глобални размери и затоа сите граѓани мора да ги почитуваат мерките и препораките за да се спречи натамошно ширење на вирусот“.

Од СДСМ повикуваат сите граѓани сериозно да ја сфатат ситуацијата и доследно да ги почитуваат мерките и препораките на Владата „бидејќи секој поединец што се заштитува себе, истовремено ги заштитува и другите и дава придонес за полесно надминување на состојбата“.

„Граѓаните непотребно да не патуваат во странство, а оние македонски граѓани кои имаат  престој во странство да се воздржат од враќање во земјата и да ги почитуваат мерките во државата каде што се наоѓаат. Сите гранични премини се затворени за премин на странски државјани, освен за влез на товарни камиони и претставници на дипломатскиот кор. Се затвора и Меѓународниот аеродром во Скопје за патнички сообраќај“, се потсетува во објавата на СДСМ на веќе донесетени владини мерки и преппораки.

Од партијата уверуваат дека согласно анализите и проекциите за економските последици, „Владата подготвува сет економски мерки за помош на стопанството, фирмите и граѓаните, за помош на најпогодените“.

„Веќе се замрзнати цените на основните продукти: на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

За побрзо и поефикасно надминување на последиците од коронавирусот неопходно е воведување на вонредна состојба со што ќе се постават поефикасни механизми за помош на здравствениот сектор, но и механизми за итна, навремена и ефикасна помош кон стопанските гранки кои се најмногу погодени од вирусот.

СДСМ уште еднаш им се заблагодарува и им оддава јавно  признание и почит на сите кои учествуваат во превенцијата и борбата против овој вирус, здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата, службениците, институциите.

Државните институции работат во полн капацитет, непрекинато максимално посветени и несебично се ангажираат да продолжат да ја држат ситуацијата под контрола“, се додава во соопштението на СДСМ.