СДСМ со ново одложување на одлуката за предвремени избори

Раководството на владејачката СДСМ се уште без конкретна одлука за барањето на ВМРО ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.

Партијата повеќе од две недели најавува дека наскоро ќе одговори на повикот на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски за вонредни избори, но сепак тоа досега не се случи. Последните информации до Бихачка се дека Извршниот одбор, највисокото партиско тело, ќе се состане до крајот на оваа недела и ќе ја донесе конечната одлука.

Од одлуката на СДСМ во голема мера зависи дали напролет ќе се одржат двојни избори односно ќе се бира и наследни на претседателот Ѓорѓе Иванов и нов пратенички состав.

Познато е дека социјалдемократите се поделени во ставот дали треба да се оди на избори или не. Дел од министрите во Владата на премиерот Зоран Заев јавно се изјаснија дека треба да се прифати предизвикот и да се оди на избори. Информации од партијата говореа и дека ваквото расположение преовладувало во партијата.

Но, според неофицијални информации,  СДСМ е под притисок и од коалицискиот партнер ДУИ и од претставниците на меѓународната заедница да не  одат на избори. Според дел од политичките аналитичари, одлуката се одолговлекува и поради последните истражувања на јавното мислење според кои разликата меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ е минимална и предвидуваат неизвесна изборна трка.