СДСМ со поделени ставови, без одлука за претседателски кандидат и предвремени парламентарни избори

Извршниот одбор на владејачата СДСМ следната седмица ќе донесе одлука дали заедно со претседателските да се одржат и парламентарни избори, рече во петокот ноќта генералниот секретар Александар Кирацоски.

„На Централниот одбор денеска се потврди дека СДСМ е демократска партија. Имаше различни размислувања и дебата околу тоа дали да има предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Наредната недела ќе заседава највисокиот орган на партијата, кога ќе биде и донесена дефинитивната одлука дали ќе има предвремени парламентарни избори“, рече генералниот секреатар Кирацоски по завршување на седницата на Централниот одбор на владејачката партија.

Рече дека дебатата била водена „од интересите“ на Македонија, односно биле разгледувани „предностите и слабостите“ на предлогот за предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските.

„Водејќи се од интересот на граѓаните, највисокиот орган на партијата ќе заседава оваа недела и ќе донесе одлука дали ќе има
парламентарни избори“, исткана уште еднаш Кирацоски.

Генералниот секретар на СДСМ, исто така, информираше дека на денешниот Централен одбор на партијата донесена е одлука да се започне процедура за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, која ќе заврши на конгресот кој е закажан за 3-ти март, кога ќе биде и официјално претставен претседателскиот кандидат на партијата.

Премиерот Зоран Заев  не присуствуваше на седниците,бидејќи владиниот авион не можеше да слета на аеродромот во Скопје поради невремето, па беше пренасочен кон Софија. Заев е веќе вратен во земјата, но вечерва не го посети партиското седиште.

Наводно отсуството на Заев на вечерашните седници е една од неколкуте причини зошто не била донесена одлуката дали ќе има предвремени парламентарни избори.

Претходно вечерва министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска, во текот на состанокот на Централниот одбор на СДСМ потврди дека во тек е расправата за двојни избори, и истакна дека СДСМ владејачката партија „не се води од партиските, туку од државните интереси“.

„Мислам дека еден од силните аргументи за двојните избори е што ваквата варијанта ги намалува шансите за некаков бојкот. Прескапо е која и да е политичка партија да се откаже од учество. Вториот аргумент е дека зад нас е еден заокружен процес и фокусот оваа година и половина беше на теми кои значат стратешки интерес на државата на патот кон НАТО и ЕУ“, рече Шекеринска во изјавата за дневникот на телевизијата 1ТВ

Покрај постапката за избор на кандидат за претседател на државата, Централниот одбор на СДСМ ја отпочна постапката за избор на кандидати за градоначалници во Охрид, Ново Село и Дебар.

„СДСМ на наредните избори дефинитивно оди на победа, без разлика какви ќе бидат изборите. СДСМ сака безбедна Македонија, членка на НАТО и ЕУ. Македонија со забрзана економија и повисок животен стандард“, рече Кирацоски.