Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, побара од премиерот Христијан Мицкоски да свика затворена седница во Собранието, на која ќе се дискутира за иднината на евроинтегративниот процес на Македонија. Според Филипче, овој момент е од клучно значење, бидејќи преговорите со Европската унија биле во застој, и Владата требала да даде јасен план за тоа како планира да го продолжи патот кон ЕУ.
Чуму господине Венко Филипче затворена седница? А, на пример еве отворена да биде? Нека види и чуе цела македонска јавност се’. Па, да добиете можност пред аудиториумот на државава да елаборирате детално од какви побуди на пример сте го потпишале тој Договор со Бугарија. Зошто не сте ја консултирале собраниската, па и останатата опозиција кога како владејачка партија сте потпишувале во 2017 година? На крајот од краиштата за нашата иднина, и како држава, но уште поважно и како македонска нација, станува збор.
Или, пак, можеби вие од СДСМ сте така научени, се’ да биде затворено, тајно, во четири очи договaрано. Нетранспарентно. Далеку од очите и ушите на македонските граѓани.
Како на пример што направивте со фамозниот договор со „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, тежок повеќе од една милјарда евра! Во овој случај СДСМ заедно со ДУИ направи и стравично еволуирање во тајноста. Одлучивте, договорот да е класифициран како државна тајна, а за да биде јавно објавен потребна е согласност од двете страни.
Искрено, воопшто не верувам дека некогаш македонските граѓани ќе имаат шанса јавно да го видат и прочитаат, и да проценат дали и колкава штета им е нанесена на нивните пари.
Нешто слично беше и со Преспанскиот договор. Се’ беше тајно и зад затворени врати сработено. Македонската јавност го виде тој понижувачки договор за нас, и долгорочно штетен за државата, дури откако грчките медиуми го објавија.
Па, зарем гласачите на СДСМ се одлучија да ве поддржат на избори за да им работите тајно, на затворени седници? Или да работите јавно и транспарентно?
Јасна е стратегијата на ова СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче. Иста како онаа на неговите политички претходници. Чист политички опортунизам. Шанса да се дограбате до власт, ама со коленичење и виткање на кичмата пред странски фактори, а за судбината на Македонија и на граѓаните да одлучувате тајно, зад затворени врати.
Е, за наша среќа тоа време помина, и искрено се надевам дека нема да се врати никогаш повеќе. Се сложувам дека треба да има дебата во Собранието за иднината на евроинтегративниот процес на Македонија и тоа јавна, отворена, да ја пренесуваат сите национални телевизии и интернет платформи и сајтови во живо.
Но, најважно е да се знае дека за Македонија примарно е инкорпорирање на европските вредности и принципи во нејзините институции и во менаџирањето на државата, а потоа, секундарно е решавањето на наметнати билатерални спорови.
Автор: Дејан Николовски