СДСМ: Триесет години сме нераскинлив дел од секој успех на државата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како државотворна, одговорна партија, која е вградена во секој успех на државата и на граѓаните и придонесува за изградбата на нашата земја во современа, модерна европска држава, денеска одбележува 30 години од формирањето, објавија владејачките социјалдемократи.

По повод јубилејот на онлајн настан се обратија претседателот на партијата Зоран Заев, заменик претседателката Радмила Шеќеринска и генералниот секретар Љупчо Николовски.

„Меѓународното признавање, приемот во ООН, создавањето на македонската армија, Охридскиот рамковен договор, поголемиот степен на децентрализација со територијалната поделба, градењето модерно демократско општество, па сѐ до кандидатскиот статус за ЕУ, Договорот од Преспа, решавањето на отворените прашања со соседите, приемот во НАТО, создавање едно општество за сите, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ се трајните државотворни печати на СДСМ“, рече Заев.

Истакна дека „народот е среќе“ што токму СДСМ ги „водеше овие историски државнички процеси кои резултираа денес да имаме модерна, независна и меѓународно признаена држава која е партнер и сојузник со демократскиот свет“.

„Со храброст и визија ја презедовме одговорноста да ја водиме новата Влада и веднаш покажавме огромна разлика. Ги вративме слободата и демократијата, ги отворивме институциите, се посветивме на мерки и политики кои донесоа економски раст, повисоки плати и пензии и повисок животен стандард. Во остварувањето на овие цели не водеше фактот дека СДСМ произлезе од народот и му остана верна на народот“, заклучи претседателот Заев.

„Да се биде член на СДСМ е чест и гордост, а да се биде особено во раководството на СДСМ е прво одговорност и таа одговорност е да ги носите тешките одлуки, истакна заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, додавајќи дека затоа денеска имаме држава којшто е слободна , во којашто гласно се зборува, во која граѓаните не се плашат, Власта може да се плаши но не и граѓаните. Не чекаат тешки битки, ама  успеавме изминатите 30 години и мислам дека тоа ни дава и сила и енергија и упорност за следните 130“, порача заменик претседателката Шекеринска.

„Токму СДСМ обезбеди иднина на новите генерации во независна македонска држава, по мирен пат во која гласот на граѓаните е светост. Од тогаш до денеска, 30 години се преплетуваат и се надополнуваат политиките на СДСМ и патот по кој чекори нашата татковина. Заедно со граѓаните срушивме режим, донесовме слобода и демократија. Денес, заедно со граѓаните градиме просперитетна држава на еднакви граѓани која чекори напред.Нашиот одговорен, државнички однос е препознаен од граѓаните и затоа постојано ни ја даваат довербата“,  истакна генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски во видео обраќање.

На настанот свои вклучувања имаа и членовите Игњат Виларовски, Едмонд Адеми, Соња Тодоровска и  Марио Ќуќа кои зборуваа за нивните мотиви за приклучување кон СДСМ, за досегашните успеси на партијата како и за очекувањата од идните мерки и политики на СДСМ.