СДСМ денес „ќе пресече“ за предвремени избори

Ќе се оди ли на предвремени парламентарни избори или не? Одговорот се очекува да го даде Извршниот одбор на СДСМ на седница закажана за вечер, откриваат извори од партијата.

Речиси еден месец владејачката партија ја одолговлекува одлуката за барањето на  ВМРО ДПМНЕ заедно со претседателските избори да се одржат и вонредни избори за нов пратенички состав. Од партијата велат дека исходот од седницата не може да се претпостави бидејќи највисокото раководство на социјалдемократите се поделени околу тоа дали треба да се оди на избори или не.

Дел од аргументите против избори се ставовите на претставниците на меѓународната заедница кои велат дека фокусот треба да биде на реформите неопходни за добивање датум за преговори. Но, според неофицијални информации, влијание врз одлуката имаат и последните анкети кои покажуваат пад на поддршката за владејачката структура и неизвесен исход од евентуалните избори.

Пред седницата на Извршниот одбор на СДСМ, се очекува средба и меѓу премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев и неговиот коалиционен партнер, претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Според партиски извори, Заев и Ахмети ќе се обидат да ги усогласат ставовите околу барањето од опозициските партии за предвремени избори, поддршка за заеднички кандидат на претседателските избори, но и за други теми кои во последниот период ја разбрануваат јавноста.