Се бара начин за ослободување на патниците од карантин и изолација

Во врска со тоа дали граѓаните кои деновиве допатуваа во земјата од утре ќе можат да излезат од задолжителниот карантин или самоизолација, мерки кои од утре веќе не важат, министерот за здравство Венко Филипче, денеска одговори дека се бара правна форма за ослободување на овие лица од карантин. Правниците два дена интензивно работеле на тоа поле и биле блиску до решение,

Тој појасни дека има повеќе причини одлуката за отворање на границите.

– Прво, Р 0 факторот за пренос на вирусот неколку денови, од 20 – 21 јуни, беше под единица, а многу мал дел од лицата во карантин или самоизолација развиле симптоми откако влегле во земјава, а Северна Македонија од регионот  беше единствена со затворени граници. Сите овие анализи и бројки во смисла на предвидување ќе ги кажам со резерва, бидејќи секогаш може да се случи некое жариште кое е неочекувано и не сме го предвиделе –  рече Филипче.

Министерот нагласи дека многу мал процент од тие кои била упатени во карантин или самоизолација развиле  симптоми.

Филипче информираше и дека притисокот кон болниците се намалил и дека не е таков каков што бил на почетокот.

За тоа дали ќе бидат воведени рестриктивни мерки во местата или населбите кои се жаришта на вирусот, Филипче одговори:

– Будно се следи епидемиолошката слика и, секако, можно е да се интервенира со некои мерки во одредени региони или населба, но во овој момент нема индикација за дополнителна мерка.