Се бара решение за Македонски железници, возовите и денеска не возат

Железници

Од Железничката станица во Скопје информираат дека и денеска не сообраќат патничките и товарните возови.

„Македонски железници – Транспорт“ денеска соопшти дека до крајот на овој месец ќе изнајде начин да го исплати првиот дел од јануарската плата, а од 10 март и вториот дел од платата.

Во соопштението се деманитираат информациите дека на вработените им се должат многу плати и се истакнува дека не е исплатена само јануарската плата.

Од „Македонски железници – Транспорт“ посочуваат дека во соработка со Владата треба да се финализира и решението за подолгорочно решавање на состојбата во Македонски железници.

Дополнително би сакале да упатиме еден апел до сите вработени кои недозволуваат нормално одвивање на железничкиот сообраќај, да не потпаѓаат под притисок за собирање на нечии дневно-политички поени бидејќи подлегнувањето на такви притисоци нема да доведе до решенија, туку само до продлабочување на кризата што од друга страна е цел на одредени политички субјекти, наведува „Македонски железници – Транспорт“.

Од друга страна, вработените остануваат на ставот да им биде исплатена целосно јануарската плата и најавуваат дека прекинот на железничкиот сообраќај ќе трае се додека не биде исполнето нивното барање.

Протестот е во организација  на организација на Независниот синдикат на МЖ, СЖМ-Инфраструктура и АНС – Железничари.