12.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Се ближиме до бројката 2.000 заразени со коронавирусот

Во последните 24 часа регистрирани се 23 нови случаи на заболени од Ковид-19, резултат добиен по изработени 702 тестови.

Министерството за здравство во петокот информирше дека Институтот за јавно здравје регистрирал девет оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се нови 23 случаи на новиот коронавирус, односно, регистрирани се 12 случаи во Скопје, по четири случаи во Куманово и Тетово, два во Прилеп и еден случај во Неготино.

Информираат дека во скопската Градска општа болница „8-ми Септември“ утрово починал 47-годишен пациент од Тетово со хронични заболувања. Пациентот вчера бил примен со симптоми на Covid-19, а денеска бил потврден позитивен на коронавирусот.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.921, бројката на оздравени пациенти е 1.387, на починати е 112, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 422“, информираат од Министерството за здравство.

Во изминатото деноноќие се направени вкупно 702 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 365 теста се во рамките на скринингот, велат од министерството, и додаваат дека не се регистрирани позитивни случаи на Covid-19.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје, во изминатото деноноќие се примени осум нови пациенти, а моментално се хоспитализирани вкупно 56 пациенти. Од нив, потешко болни и на кислородна поддршка се 32 лица, а критично болни и на механичка вентилација се двајца пациенти, се додава во соопштението на МЗ.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се шест нови лица, додека вкупно се хоспитализирани 16 пациенти. Од нив, на респиратор се пет лица, a со потешка клиничка слика се уште шест пациенти.

Досега во земјава се направени 24.018 теста на коронавирусот.