Се чекаат резултати за уште еден патник од Италија

Еден патник кој дошол од Италија на 22-ри месецов во Струмица со температура над 37 степени се јавил во болница. Од него е земен материјал за тестирање на коронавирус и резултати ќе бидат готови во текот на денот, информираше на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека пациентката, кај која е потврден првиот случај на вирусот Ковид-19, е во стабилна состојба, сместена во одделот за изолација и нема значи за компликации на здравствената состојба.

Според информациите од докторите, жената влегува во фаза на заздравување.

-Добро оди системот на домаша изолација на 12 лица, сопатниците и лицата со кои тие контактирале. Вчерашните резултати на двајцата патници се негативни на коронавирус, информираше Филипче.

Тој потврди дека двајца бугарски државјани кои се на работа во битолска фирма се јавиле вчера во болница. Тие биле во северна Италија, но не дале податок дека биле во контакт со заболени лица и се во домашна изолација.